Светска банка (СБ) ја ревидира нагоре прогнозата за растот на македонската економија во 2025 и во 2026 година.
Во најновиот извештај за глобалните економски перспективи, СБ проценува дека економијата во Македонија годинава ќе забележи раст од 3 отсто, што е за 0,1 процент повеќе од претходната проекција. За 2026 година се прогнозира раст од 3,2 проценти, или зголемување за 0,2 отсто во однос на претходната проценка.
Од земјите во регионот, Бугарија годинава ќе забележи раст од 2,8,
Хрватска 3,0, Босна и Херцеговина 3,2, Албанија и Црна Гора по 3,5,
Косово 3,9, а Србија 4,2 отсто.
Се предвидува дека целиот регион на Западен Балкан ќе има раст од 3,7 проценти во 2025 и 3,9 проценти во 2026 година.
Според СВ, клучна улога се очекува да имаат приватната потрошувачка и инвестициите, особено во Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Во исто време, забавениот раст на еврозоната се очекува да обезбеди само ограничена поддршка за извозот.
Како главни ризици СБ ги истакнува геополитичките тензии, при што војната во Украина останува значаен фактор во обликувањето на регионалната перспектива, а секоја понатамошна ескалација, се вели во извештајот, може да доведе до поголемо економско нарушување во целиот регион.